• Саше Љолес

Дефанзивецот на битолски Пелистер, Христијан Грозданоски, го коментираше натпреварот против Шкендија во Првата македонска лига, истакнувајќи дека е задоволен од исходот и порача дека ова е почеток на излезот од резултатската криза.
Пелистерци имаа серија од дури пет првенствени порази, па затоа се очекува овој бод од мечот со актуелниот шампион да донесе дополнителна мотивација во нивниот табор.
„Задоволни сме како одигравме. Тактички натпревар, без премногу шанси. Имавме прилика за гол, но за жал, не реализиравме. Полека излегуваме од кризата, мислам дека ова е добар стимул за позитивна серија.
Сакаме да бидеме поопуштени и да се фокусираме на подобрување на играта.
Благодарност до навивачите кои дојдоа да ни дадат поддршка. Ќе се трудиме да бележиме добри резултати на следите мечеви“, изјави Грозданоски.
Битолскиот прволигаш сега има вкупно десет бодови на табелата. Следен предизвик ќе биде гостувањето во Кратово кај екипата на Силекс. Овој меч ќе се одигра на 19 октомври.




