Грнев: Предизвик е што Кит-Го ќе ја почне сезоната против Пелистер и Беласица

Против трофејните македонски клубови Пелистер и Беласица, фудбалерите на Кит-Го ќе ја отворат новата натпреварувачка сезона во Купот на Македонија и во шампионатот во Втората лига-Исток. Стартот на официјалните натпревари ќе биде означен со дуелот против Пелистер на 21 август во Пехчево во рамките од првото коло на Купот на Македонија.

„Ни следи интересно првенство во ВМФЛ-Исток. Ќе одиме чекор по чекор во желбата да се надигруваме против секој противник и да остваруваме позитивни резултати“, вели шефот на стручниот штаб, Емил Грнев, осврнувајќи се на првите противници кои не очекуваат овој месец.

Кит-Го во Купот на Македонија го доби Пелистер, а на стартот од новата сезона во Втората лига следи дуел против струмичка Беласица.

„И за Пелистер и за Беласица може да кажам дека се клубови со долга и богата историја во македонскиот фудбал. Предизвик ќе бидат овие натпревари за нас, но Кит-Го воопшто не планира предвреме да се предаде. Секој противник максимално го почитуваме, но против секој ќе одиме на победа. Така ќе биде и во Купот и во првото коло од шампионатот. Со враќањето на Дујоски, Пановски и Ефремов кои претходно отсуствуваа поради повреди, комплетни и подготвени ќе ги дочекаме натпреварите со Пелистер и со Беласица“, истакнува тренерот на Кит-Го.

Тимот, согласно програмата за подготовки на стручниот штаб, за престојнава недела планира одигрување уште еден пријателски натпревар, а противник ќе биде кратовски Силекс в среда во 17:30 часот.