Гризман: Зборуваат дека ме „гуши“, а Меси би „умрел“ за мене на теренот

Барселона е во резултатска криза и игра променливо на стартот од сезоната и се наоѓа дури на тринаесеттото место во шпанската Примера. Голем број медиуми шпекулираат дека има криза и во редовите, меѓу играчите или тренерскиот дел од екипата. 

Сепак, францускиот фудбалер Антоан Гризман во разговор со локалните медиуми изјави дека во Барселона не владее лоша атмосфера, туку едноставно резултатска криза. 

„Иако не зборувам често надвор од теренот, по сè што се случи морам. Предолго слушам лоши коментари на своја сметка. Уморен и тажен сум за приказните кои ги читам за мене и екипата. Барселона минува низ тежок период, но сигурен сум дека имаме екипа за големи успеси. 

Уште првиот ден разговарав со Меси. Тој ми пријде и ми кажа дека сум го „зафркнал“ што не дојдов една година порано. Ми кажа дека побарал од челниците да пристигнам порано и бил лут и разочаран. Сепак, тој додаде дека е крај мене и дека на теренот ако треба и ќе „умре“ за мене, што е единствено битно. Луѓе како мојот поранешен агент, Ерик Олхатс зборуваат дека Меси ме уништува, ама тоа е неосновано“, изјави Гризман.

Французинот се проектира како лидер на екипата, откако Лионел Меси ќе ја напушти Барселона, а таквиот исход може да се случи во блиска иднина.