Гризман: Барса гради ѕвезден тим како да игра видео-игра со „чит-код“

Францускиот фудбалер Антоан Гризман е најголемото засилување на Барселона во овој преоден рок. Напаѓачот кој пристигна од Атлетико Мадрид во интервју ги сумираше впечатоците од стартот со каталонскиот тим, а истите се премногу позитивни.

„Првите денови во Барселона? Се чувствувам многу добро. Но, има и стрес, притисок, затоа што мора да се освои се. Едвај чекав да го завршам одморот и да почнам со овој нов предизвик во мојата кариера. Вистина е дека во соблекувалната ме примија многу добро. Од играчите, па се до тренерите и лекарите. Уживам и се надевам дека заедно ќе имаме многу успеси“, изјави Гризман.

Репрезентативецот на „галските петли“ е само една од ѕвездите во нападот на Барселона. Тој е импресиониран од составот, па вели дека Барселона гради нов тим како да игра видео-игра со „чит-код“.

„Барселона гради тим како да игра видео-игра со „чит-код“. Луис Суарез, Лионел Меси, Осман Дембеле, Френки Де Јонг... имаме толку многу добри играчи на едно место, а на тренерот е да одлучи кој ќе игра. Ќе ми биде чест да играм со Лионел Меси, едвај чекам да видам како тој се однесува од ден во ден и како тренира и работи“, додаде Гризман.

Барселона го откупи Французинот од редовите на Атлетико Мадрид за 120 милиони евра. Досега, трансферот на Гризман во Барселона е најзвучниот во предоникот рок во Ла Лига.