„Гринвуд можеше да биде како Белингем, неговиот талент е неверојатен“

Францускиот репрезентативец Адриен Рабио, зборуваше со домашните медиуми за штотоку завршената сезона во Лига 1, а најголемо внимание предизвика изјавата поврзана со неговиот соиграч од Олимпик Марсеј, Мејсон Гринвуд. 

Англичанецот реши да настапува за Јамајка откако беше „избришан“ од родната земја, но потоа се препороди во Марсеј, каде постигна 21 гол во првенството и ја подели наградата за најдобар стрелец со Осман Дембеле од ПСЖ. 

„Мејсон е еден од најталентираните играчи што сум ги видел. Да ги немаше своите проблеми, мислам дека лесно ќе беше во класата на Џуд Белингем.

Понекогаш не сакаше доволно да работи и добиваше критики од тренерот, но потоа возвраќаше со маестрални партии и чудесни погодоци. Се надевам дека ќе има прилика уште посилно да сјае во кариерата“, рече Рабио. 

Гринвуд беше избркан од Манчестер Јунајтед поради наводните обвиненија за силување и претепување на својата поранешна девојка, по што реши да се пресели во Франција. За Олимпик сезонава одигра 37 натпревари и забележа учинок од 22 гола и пет асистенции.  

ФОТО/PHOTO: Olympique de Marseille