Грците едногласни: Веруваме во успех и пласман на Мундијалот!

Вечерва во Атина се игра реванш натпреварот од бараж двомечот меѓу Грција и Хрватска. Иако Хрватите имаат огромна предност од 4-1, репрезентативците на Грција веруваат во чудо и пласман на Мундијалот во Русија.

За реванш натпреварот, нашиот јужен сосед ќе биде посилен за Василис Торосидис, играчот на Болоња, кој во Загреб не настапи поради повреда

„Бев повреден два месеци, но сакам да играм на денешниот дуел  подготвен сум да го дадам мојот максимум“, изјави Торосидис.

Покрај искусниот ас од Серија А, за денешниот натпревар, селекторот Скибе на располагање ќе го има и Костас Манолас, кој исто така верува во успех.

„Враќањето на Торосидис во тимот е исклучително важно за нас. Во Загреб направивме повеќе грешки, отколку во цел квалификациски циклус. Денес ќе го видите нашето  вистинско светло“, заврши Манолас.

Денешниот натпревар во Атина започнува во 20.45 часот, а се игра на стадионот „Јоргос Караискакис".