ВИДЕО: Грчкиот бедем не издржа во Брисел - Лукаку во финишот донесе бод за Белгија

Во натпревар од 5. коло на Х групата за пласман на Светското првенство во Русија, фудбалерите на Белгија со гол во самиот финиш успеаjа да освојат бод против Грција, играјќи 1-1 (0-0).

Во првото полувреме домаќините имаа целосна контрола на играта, но никако не успеваа да го пробијат последниот бедем на грчките фудбалери, кои организирано ги прекинуваа сите напади на Белгијците. По 0-0 на одморот, на стартот на вториот дел Грција буквално од првиот удар кон Куртоа поведе со 0-1, откако Митроглу го матираше белгискиот голман и донесе радост за грчките навивачи.

Во 65. минута фудбалерите на Грција останаа со играч помалку, откако беше исклучен Тачидис, а тоа беше старт на целосна иницијатива на Белгија. До крајот на натпреварот се играше буквално во грчкиот шеснаесетник. Во 73. минута прекрасна шанса имаше Алдервилд, но голманот Капино чудесно одбрани. Грчката одбрана одолеваше на нападите на Белгија до 89. минута, кога Лукаку израмни на 1-1 и се погрижи неговата репрезентација да не биде поразена. Во судиското продолжение Лукаку имаше шанса и за целосен пресврт, но повторно Капино беше последната пречка. Во 95. минута Грција остана и без Цавелас, кој беше исклучен поради мешаница со Лукаку, за која и двата фудбалери заработија жолти картони.

Португалија ја оправда улогата на европски првак и пред своите гледачи ја победи Унгарија со 3-0 (2-0). Јунак на триумфот повторно беше Кристијано Роналдо, кој постигна два гола, а еднаш меѓу стрелците се запиша Андре Силва.