Град Скопје не е должен со финансии да го спаси ФК Вардар

Актуелна е ситуацијата за фудбалскиот клуб Вардар кој останува без сопственик откако Сергеј Самсоненко најави повлекување. Клубот треба да се врати во рацете на Град Скопје, арно ама, тоа нема да биде можно да се направи додека постојат долгови.

Неофицијално, клубот должи нешто околу два милиони евра, сума која треба да биде исплатена од актуелниот сопственик Сергеј Самсоненко, за потоа „црвено-црните“ да може да завршат назад кај Град Скопје. Поради неможноста за идно финансирање од страна на рускиот бизнисмен, под знак прашалник е и настапот на Вардар во Европа, втора година по ред.

Многумина бараат финансиска помош од Град Скопје кој е сопственик на дел од акциите, арно ама надлежните не се должни да го спасат клубот во случај на раскин на договорот по судски пат, туку тоа треба да го направи Сергеј Самсоненко како актуелен прв човек за да го испочитува потпишаниот договор.

Тоа го објаснува член 12 од договорот за продажба, каде јасно стои дека „во случај на раскинување на договорот по судски пат, купувачот се обврзува до денот на враќање на управувачкиот пакет на акции од најмалку 51%, да ги подмири сите преземени обврски (доспеани и недоспеани) на Друштвото за спортски дејности Фудбалски Клуб Вардар АД Скопје“.

Според актуелниот договор, Самсоненко треба да вложува по 1,5 милиони евра по сезона, но ако не го направи тоа, Град Скопје треба да поднесе постапка за неисполнување на посебните услови од договорот. Нешто што е случај во оваа сезона. Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје, јасно даде до знаење дека нема го прифати фудбалскиот клуб назад се додека има долгови.

Рускиот бизнисмен го доби Вардар во 2014 година со должност да финансира во наредните десет години, но желбата за прекин на соработката поради финансиски причини доаѓа порано од предвиденото.