• Мартин Танасковски
Шпанецот Андони Ираола ќе биде новиот предводник на Ливерпул, откако клубот постигнал договор со стратегот по интензивните преговори во изминатите денови.
Според информациите на Фабрицио Романо, официјализацијата на соработката се очекува во следните неколку дена. Италијанскиот новинар прв ја објави веста за заминувањето на Арне Слот, по што и самиот клуб ја потврди разделбата со холандскиот тренер. Ираола пристигнува на „Енфилд“ по успешната работа во Борнмут, каде што се истакна со атрактивен, офанзивен стил на игра и одлична работа со младите фудбалери.
Засега не е познато дали Шпанецот ќе ја има улогата на класичен менаџер, со поголеми ингеренции во трансфер-политиката и спортскиот сектор, или ќе функционира како главен тренер, модел кој клубот го применуваше со Слот.
Ливерпул се подготвува за динамичен летен преоден рок, а доаѓањето на Ираола може да означи почеток на нова ера на „Енфилд“, со освежување на играчкиот кадар и амбиции за враќање во борбата за најголемите трофеи во Премиер лигата и Лигата на шампионите.
Шпанецот важи за еден од најперспективните тренери од новата генерација, а неговиот избор покажува дека Ливерпул сака да продолжи со модерниот и агресивен фудбалски пристап кој донесе успеси и во претходните години.
