• Мартин Танасковски
Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ е на чекор до нов предизвик во кариерата, откако постигнал договор со турскиот гигант Бешикташ.
Истанбулскиот клуб ова лето е исклучително активен на трансфер-пазарот и продолжува со ангажирање на звучни имиња, а Влаховиќ треба да биде најновото засилување во нападот. По долги преговори, 26-годишниот фудбалер ја прифатил понудата на Бешикташ и наскоро се очекува да биде официјално претставен.
Според најавите, српскиот репрезентативец ќе потпише тригодишен договор вреден осум милиони евра нето по сезона. Покрај основната плата, во договорот се вклучени и бројни бонуси со кои неговата заработка може да надмине десет милиони евра годишно. Дополнително, Влаховиќ ќе добие и значителен бонус за потпис.
Напаѓачот летово стана слободен агент по истекот на соработката со Јувентус. Тој не успеа да најде заеднички јазик со торинскиот клуб околу нов договор, по што реши да побара нова средина.
Влаховиќ мина четири и пол години во редовите на Јувентус, каде што одигра 168 натпревари и постигна 68 голови, дополнети со 16 асистенции.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.





