• Мартин Танасковски

Уште едно дерби имаше на програмата на македонскиот фудбал на стартот на пролетната сезона. Гостивар и Струга се судрија во Маџари, а мечот заврши со победа на домашните од минимални 1-0.
Гостиварчани беа поактивни, имаа шанси и градеа акции, но фалеше реализација. Имаше проблеми домашниот тим во првото полувреме затоа што се повреди и еден од првотимците, тоа е Душко Трајчевски, а исто така беше и поништен еден гол.
Течеше 30 минута на мечот на „Борис Трајковски“, кога беше и поништен гол за Гостивар заради офсајд. Проблемите за Струга започнаа кога Хамза доби црвен картон во второто полувреме. Избраниците на Османи одолеваа, ама во финишот следеше шок и пенал за домашните.
Пред самиот крај во екстра-времето, Бојан Илиевски беше невнимателен, го клоцна Алдаир во обид да избие и немаше дилеми - се досуди најстрога казна. Одговорноста ја презеде Алпер Потук и донесе предност за Гостивар, која беше доволна за победа, иако Струга во последните минути притисна да израмни.
Гостивар е на делба на втората позиција со 38 бода, исто колку што има и Силекс. Во следното коло тимот го чека гостување кај Беса. Струга, пак, ќе игра дома со Вардар.