ВИДЕО: Гостивар преку Победа ги комплетира осминафиналистите во Купот

Гостивар е последниот патник во осминафиналето од Купот на Македонија. Прволигашот имаше сигурен натпревар против прилепска Победа и со триумф на стадионот „Борис Трајковски“ (3-1) оди во следната рунда.

Избраниците на Муарем Муарем не видоа мака против ривалот како фаворити на хартија. Уште од почетокот се најави дека само триумфот е опција за Гостивар, но младите момци на Јане Николоски добро парираа во одредени делови од мечот и мора да им се честита за тоа.

Уште во 10. минута Гостивар дојде до предност од пенал кој го направи голманот Шемкоски, а во гол го претвори Иван Ивановски. Потоа, по голема иницијатива, напаѓачот Машике донесе 2-0 за Гостивар, откако деветката на прволигашот убаво се ослободи од чуварот и биеше откосо. Овој резултат беше и на паузата, а до трет гол домаќинот дојде во 65. минута кога Ринор Ајдини погоди во голот на Победа. Почесниот гол на мечот прилепчани го постигнаа 69. минута преку капитенот Спиркоски Стефан од пенал. Можеше мечот да заврши и 3-2, но шутот на Никола Талески од Победа пред самиот крај профуче крај дирекот на Василев.

Во следната фаза од вторролигашите патуваат Македонија ЃП  Арсими, Брегалница и Детонит, додека сите прволигаши освен Работнички си ја завршија задачата - тоа се Гостивар, Воска Спорт, Пелистер, Вардар, Шкупи, Брера, Шкендија, Беса, Силекс и Струга ТЉ. Тиквеш е во наредната рунда како бранител на Купот.