• Саше Љолес
Фудбалерите на Гостивар извојуваа убедлива и сигурна победа над Воска Спорт со 4-0 (0-0) во натпреварот од 14. коло во Првата македонска лига. Со овие три бода екипата од Гостивар се врати на врвот и покажа дека научи да ги победува и помалите екипи во лигата.
Натпреварот започна со пеколно темпо на домашните играчи, Гостивар бргу се обиде да дојде во водство и имаше колосална шанса уште во првата минута, но млакиот удар со глава беше лесен плен за голманот Шакир. Домаќините продолжија со налетот, постојано кружеа околу голот и се обидуваа со шутеви од далечина, но Воска Спорт се обиде да се ослободи од притисокот некаде околу 20. минута.
Гостите од Охрид одиграа неколку солидни акции во офанзива, во еден момент бараа и најстрога казна, но главниот судија Крумислав Ѓорѓиев одмавна со рацете. Домаќините потоа имаа уште неколку добри шанси и постојано ја имаа топката кај себе, но до крајот на првите 45 минути мрежите останаа во мирување, 0-0.
Стартот на вториот дел повторно донесе силно темпо од домашните фудбалери. Воска се ориентираше само на брзи противнапади, но не успеваше посериозно да го загрози голот. Гостивар пропушти неколку добри шанси во шеснаесетникот, но наградата за офанзивниот пристап дојде во 56. минута. Алдаир доби топка на 25 метри од голот, се намести и биеше силно со десната нога, совладувајќи го Шакир и сместувајќи ја топката во левиот горен агол.
Гостивар поведе со 1-0 и се чини дека тука го направи клучниот исчекор кон разбивање на противникот. Гостите се обидоа да го освежат тимот со неколку замени, но никако не можеа да го пронајдат рецептот за успех на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Во моментите кога Воска малку повеќе го отвори „гардот“, домашниот тим комплетно ја искористи ситуацијата и постигна нов гол, овој пат преку Асане Диата, кој биеше прецизно во 85. минута.
До крајот на натпреварот гостите комплетно се распаднаа, а Гостивар постигна уште два гола преку Марко Симоновски, кој најпрво со глава го матираше Шакир, а потоа ја искористи и грешката на домашната одбрана и ги постави конечните 4-0.
Гостивар сега има 27 бода и се израмнува со Шкендија на врвот од табелата, додека Воска Спорт останува на 11 бода, доволни за десеттата позиција. Во следното коло гостиварчани ќе го пречекаат тимот на Тиквеш, додека Воска Спорт ќе се соочи со скопски Вардар.