Горазд Михајлов ќе го води Силекс во Европа, па ќе го враќа во ПМФЛ?

Екипата на Силекс е актуелен Куп-освојувач, но испадна од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Тренерското прашање е отворено затоа што Горан Симов речиси сигурно нема да работи во второлигашката конкуренција, па се говори на големо за ново име.

Горазд Михајлов, поранешниот стратег на Борец, е прв пик за ново име во Кратово. По разделбата со велешани, тренерот е без ангажман, но големи се шансите да се пресели во актуелниот Куп-освојувач кој го чека прво настап во Конференциската лига на УЕФА, па потоа следи борбата за влез во ПМФЛ.

Пред да се пресели во Борец, Михајлов беше во стручниот штаб на Ѓоко Хаџиевски во Обединетите Арапски Емирати. Најголем успех во кариерата му е освојувањето на Купот на Македонија со Тетекс во сезоната 2012/13, како и внесот на Борец во ПМФЛ по 18 години. Михајлов беше и селектор на женската фудбалска репрезентација и ја водеше со голем успех.

Силекс ќе игра во Втората лига - Запад и го чека тешка битка за лидерската позиција која носи директна промоција во елитата.