Горан Тодорчев е нов тренер на Вардар Неготино

Вардар Неготино рано на почетокот на сезоната направи тренерска смена. По само неколку натпревари, поради незадоволство на навивачите оставка си поднесе тренерот Љупчо Димитковски. 

Петнаесетина дена неготинчани беа без прв тренер, меѓутоа денес се пофалија дека на функцијата доаѓа Горан Тодорчев. Се работи за млад стратег кој има 39 години, роден е во Неготино и играчката кариера му беше солидна. 

Тодорчев своевремено играше за хрватските екипи Осијек и Интер Запрешиќ, додека во Македонија настапуваше за Работнички и Тетекс. Во играчка пензија замина во 2014 година, а сега е пред нова авантура во родниот град со Вардар Неготино. 

Клубот има амбиции да опстане во Втората македонска фудбалска лига, доведе и неколку искусни засилувања во финишот на преодниот рок, а по четири кола има победа и три порази.