Горан Станковски повеќе не е спортски директор на Работнички

Фудбалскиот клуб Работнички продолжи со промените во структурите. Откако беше промовиран Милан Илиевски како нов шеф на стручниот штаб и Баже Илијоски како негов прв асистент, дојде до нова промена. 

<<< - ПОВРЗАНО - Илиевски именуван за нов тренер на Работнички!

Спортскиот директор Горан Станковски - Гама, повеќе нема да ја врши оваа функција. Клубот и Станковски взаемно го договорија овој прекин на соработката, потврди првиот човек Драган Поповски. 

„Му се заблагодаруваме на Горан Станковски за професионалниот однос и напорната работа во клубот во изминатиот период. ФК Работнички му посакува многу успех во натамошниот дел од кариерата“, кажа Поповски. 

Работнички по седум одиграни кола се наоѓа на деветтата позиција во ПМФЛ, која води во баражот. Клубот мораше да реагира, се раздели со тренерот Љупчо Марковски, а сега дојде и до промени во структурата, со цел постигнување подобри резултати.