Голот на Тричковски го одлучи дербито, Омонија падна во Ларнака

Одличната форма, настапот во групната фаза на Лига Европа, голот во Гибралтар за македонската репрезентација беше само најава за одличната есен на Иван Тричковски. Македонскиот напаѓач во дресот на АЕК Ларнака го постигна единствениот гол во дуелот против Омонија (1-0).

Тричко одлично се снајде во противничкиот казнен простор во 62. минута и со ефектен удар ја погоди гостинската мрежа за значајни три бода на неговиот АЕК Ларнака во дербито од 4. коло на кипарскиот шампионат.

Цел натпревар против конкурентната Омонија го одигра и вториот македонски интернационалец Даниел Мојсов. АЕК Ларнака и натаму заостанува зад врвот, но овие три бода треба да значат голем поттик за екипата на Тричковски и Мојсов.