Голот на кариерата на Роналдињо е против Симан: „Знаеше што прави...“

Роналдињо го постигна голот на кариерата во дресот на Бразил, во четвртфиналето на Светското првенство (СП) кое во 2002 година се играше во Јужна Кореа.

Бразилската ѕвезда блесна на натпреварот против Англија, на само 22-годишна возраст. Тогаш, како член на ПСЖ, Роналдињо изведе слободен удар од триесетина метри и успеа да ја стресе противничката мрежа.

Голманот Дејвид Симан беше во шок. Многумина сметаа дека голот е случајност, но Ривалдо, тогашен соиграч на Рони во репрезентацијата, истакна дека играчот добро знаел што прави при прекинот.

„Голот го изненади Симан, мене, но и целиот свет. По натпреварот Роналдињо ми кажа дека знаел што прави. Го анализирал Симан, дека излегува неколку чекори понапред од гол-линијата при прекини. Затоа се обидел да го изненади. За Роналдињо немаше невозможни работи“, изјави Ривалдо.

  • Голот на Роналдињо против Англија:

Не е само Роналдињо човекот што го изненади Дејвид Симан. Истото го направи и Артим Шаќири, нашиот фудбалски репрезентативец, кој во 2002 година на „Сент Мери“ стрелаше директно од корнер против Англија.

На Мундијалот во 2002 година, Бразил успеа да стане светски првак. Тимот ги победи сите седум натпревари - во групната фаза беше подобар од Турција, Кина и Костарика, а на патот до големото финале славеше над Белгија, Англија и Турција. Во натпреварот за титула „кариоките“ беа подобри од Германија, а двоен стрелец беше Роналдо.