• Саше Љолес

Голманот на Пари Сен Жермен, Серхио Рико, доживеал сериозна несреќа откако паднал додека јавал коњ со своите пријатели, јавуваат француските медиуми.
Фудбалерот претрпел повреда на главата и добил посилен потрес на мозокот и пукнатина на черепот, а се претпоставува дека ќе мора да одмора и да закрепнува во следните две до три недели. Инцидентот се случил во Шпанија, а голманот веднаш бил префрлен со медицински хеликоптер до најблиската болница во градот Севиља.
Рико веднаш бил примен и задржан во болницата, а најверојатно во блиска иднина ќе мора да носи заштитен шлем на главата, нешто слично како во случајот на поранешниот голман на Челзи и Арсенал, Петар Чех. За сериозноста на падот доволно говори и фактот дека медицинската екипа морала да го интубира голманот, а тој во полусвесна состојба бил пренесен во болницата.
Оваа сезона Серхио Рико е втор голман на ПСЖ, но не доби ниту една шанса за настап поради првотимскиот статус на Џанлуиџи Донарума, кој ги одигра сите натпревари за „светците“.