• Иван Димовски
Името на Рожерио Сени веројатно ќе остане запаметено во светскиот фудбал. Сега веќе 50-годишниот поранешен голман важеше за еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во Бразил, иако беше голман.
Сени целата своја играчка кариера ја мина во Сао Паоло, со кој запиша 1237 настапи и постигна за голман неверојатни 132 погодоци. Чуварот на мрежата беше редовен изведувач на слободни удари и пенали, па по тоа ќе остане запаметен во светскиот фудбал.
Тој по крајот на кариерата продолжи како тренер, работеше со Форталеза во бразилската Серија Б, додека во елитата ги водеше својот Сао Паоло, Крузеиро и Фламенго. Сега, Сени е пред нов предизвик во кариерата бидејќи ја презема клупата на Бахиа.
Овој клуб се наоѓа на шеснаесеттото место на табелата во бразилската Серија А, па голманската легенда ќе има задача да избори опстанок во преостанатиот дел од сезоната.