Големиот Жулио Цезар му кажа збогум на фудбалот

Еден од најдобрите бразилски голмани во историјата, Жулио Цезар, реши да замине во пензија и да му каже збогум на фудбалот на 38-годишна возраст.

Цезар ги соблече ракавиците како член на Фламенго, за кого го одигра натпреварот против Америка Минеиро. Навивачите му приредија спектакл, а тој со солзи во очите се прости од нив и фудбалот.

Голманот ја почна кариерата токму во Фламенго, каде настапуваше прво како младинец од 1991 до 1997, а потоа како професионалец од 1997 до 2005. Потоа следеше трансфер во Интер каде стана легенда и бранеше до 2012 година. Беше дел и од Квинс Парк Ренџерс, Торонто и Бенфика.

Најголемиот успех Цезар го оствари со Интер, со кого заедно со нашиот репрезентативец Горан Пандев ја освоија славната „триплета“ под Жозе Мурињо во 2010 година.