Голема „реконструкција“ во Баерн, нова ера со холандската легенда?

Фудбалскиот клуб Баерн Минхен се подготвува за голема реконструкција во своите редови по турбулентната и неуспешна сезона. Баварците стравуваат дека нема да стигнат ниту до титулата во Бундеслигата, а тоа изгледа дека го запали „црвеното светло“ кај управата. 

Сезоната беше исполнета со потреси, беше сменет тренерот Јулијан Нагелсман и на негово место дојде Томас Тухел, но екипата ги загуби скоро сите битки за трофеите. Пред само два дена Баерн загуби од Лајпциг и сега Борусија Дортмунд е со најголеми шанси за освојување на титулата, а претходно момците на Тухел испаднаа и од Купот и од Лигата на шампионите. 

Најновите вести од Германија велат дека првиот чекор во „ремонтот“ е замената на Спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ, а на негово место ќе дојде поранешната легенда на клубот, Холанѓанецот Арјен Робен. 

Се шпекулира дека почесниот претседател Ули Хенес лично „загризал“ за доведување на Робен и смета дека тимот мора да доживее голема ренесанса. Хенес го посочил Робен како идеално решение и тие заедно со тренерот Тухел ќе се обидат да го комплетираат ростерот за следната сезона, кој ќе треба повторно да биде „страв и трепет“ за сите противници.

Неспорно е дека Баерн има и сега одлични играчи и дека само треба да се наместат „коцките“ за тимот да функционира повторно како што треба. Задржувањето на капитенот Џошуа Кимих е приоритет за управата, како и доведувањето на уште неколку квалитетни засилувања.