• Саше Љолес
Францускиот гигант Олимпик Марсеј се наоѓа во тешка финансиска состојба, поради што раководството е подготвено да разгледа понуди за речиси сите фудбалери во тимот.
Клубот кој во 1993 година ја освои Лигата на шампионите има долг од околу 150 милиони евра, а според моменталната ситуација, следното лето би можел да се соочи и со опасност од административно исфрлање во понизок ранг.
Најголем дел од критиките се насочени кон спортскиот директор Пабло Лонгорија, кој во изминатите шест години на функцијата во Марсеј беше обвинуван за честите тренерски промени и неуспешната трансфер-политика, која дополнително го оптовари буџетот на клубот.
Поради финансиските проблеми, Марсеј засега има ограничена активност на трансфер-пазарот, а продажбата на играчи се гледа како главен начин за стабилизирање на сметките.
Сепак, масовното заминување на фудбалери би можело сериозно да го ослаби тимот од „Велодром“, што би ги намалило шансите за пласман во европските натпреварувања. Тоа дополнително би создало нов финансиски притисок за еден од најпознатите француски клубови.








