Голем успех за Македонецот: Митровски во трката за најдобар фудбалер во Хрватска!

Димитар Митровски, македонски репрезентативец, зад себе ќе ја остави најдобрата сезона во кариерата. Неговите одлични настапи во дресот на Вараждин му донесоа место во трката за најдобар фудбалер на сезоната во хрватскиот шампионат.

На две кола до крајот на сезоната, ХНЛ ги објави номинациите за најдобар играч. Изненадувачки, меѓу нив нема ниеден фудбалер од гигантот Динамо Загреб, а тамошните медиуми за прв фаворит за наградата  го сметаат Марко Ливаја од Хајдук, кој постигна 18 гола и запиша уште девет асистенции.

Македонецот, пак, е најефикасен во својот тим, со седум гола и една асистенција, што го издвојува како еден од најдобрите во лигата. Покрај него и Ливаја, во потесниот избор се и Тони Фрук од Ријека, Ален Гргиќ од Славен Белупо и Роберт Мудражија од Локомотива.