Голем удар за С. Арабија: Запрена изградбата на стадионот за СП вреден 2,5 милијарди долари

Саудиска Арабија го стави во мирување проектот за изградба на футуристичкиот стадион во Неом, кој требаше да биде еден од најимпресивните објекти на Светското првенство во 2034 година. Според „MEED Projects“, работите на стадионот вреден околу 2,5 милијарди долари се привремено прекинати, а засега нема информација кога би можеле да продолжат.

Објектот требаше да биде изграден на неверојатни 350 метри над земјата, во рамките на мегапроектот „The Line“. Планираниот капацитет беше 46.000 гледачи, а стадионот беше дел од кандидатурата со која Саудиска Арабија го доби домаќинството на Мундијалот 2034. Токму овој потег дополнително ги засили сомнежите околу иднината на „The Line“, еден од најамбициозните проекти во рамките на саудиската стратегија „Vision 2030“.

Иако нема официјална потврда дека проектот е целосно откажан, промените во приоритетите на Саудиска Арабија стануваат сè поочигледни. Претходно и гувернерот на Саудискиот јавен инвестициски фонд, Јасир Ал-Румајан, призна дека „The Line“ повеќе не е меѓу апсолутните приоритети на земјата.

Саудиска Арабија во 2034 година треба да стане првата земја која самостојно ќе организира Светско првенство со 48 репрезентации, но останува да се види дали првично најавените спектакуларни инфраструктурни проекти ќе бидат реализирани во планираната форма.