• Саше Љолес
Информациите што доаѓаат од Швајцарија сериозно го загрижуваат македонскиот национален тим. Швајцарските медиуми пишуваат дека македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, доживеал сериозна повреда на левата фибула, односно потешка фрактура која ќе го оддалечи од терените неколку месеци.
Крилниот играч на Лугано се повреди за време на натпреварот против Сервет во швајцарското првенство, по што мораше да го напушти теренот уште во 21. минута.
Алиоски се повреди откако доби силен удар од противнички играч, а неговиот израз на лицето доволно говореше за болката што ја чувствува. Според медицинската класификација, овој тип на повреда подразбира подолг период на рехабилитација, која обично трае од осум до дванаесет недели.
Ова се лоши вести за селекторот Благоја Милевски и за македонската фудбалска репрезентација, која во ноември го игра клучниот меч во мундијалските квалификации против селекцијата на Велс.
Македонија има шанси да го освои второто место во квалификациската група, со што по вторпат во својата историја ќе има можност да игра во плеј-офот за пласман на Светското првенство.
ФОТО/PHOTO: Lugano FC/Facebook






