Голем удар за Канада пред Мундијалот: Првата ѕвезда и капитен ја заврши сезоната

На нешто повеќе од еден месец пред стартот на Светското првенство, репрезентацијата на Канада се соочи со голем проблем, откако се повреди нејзината најголема ѕвезда Алфонсо Дејвис.

Баерн Минхен потврди дека сезоната за канадскиот репрезентативец е завршена поради повреда на тетивата. Дејвис се повреди на реваншот против ПСЖ во полуфиналето од Лигата на шампионите, кога во финишот почувствувал болка во левата нога.

Првичните прогнози велат дека Дејвис би можел да биде подготвен за настап на Мундијалот, но во канадскиот табор постои загриженост поради неговите претходни проблеми со повреди и прашање е во каква физичка состојба ќе го дочека турнирот.

Канада ќе игра во групата Б заедно со Босна и Херцеговина, Швајцарија и Катар, а првиот натпревар ќе го одигра на 12 јуни во Торонто против селекцијата на Босна и Херцеговина.