Голем удар за Астон Вила, засилувањето од 30 милиони ќе паузира шест месеци

Само што пристигна како големо засилување и дебитираше во дресот на Астон Вила, 29-годишниот Бразилец Диего Карлос заработи тешка повреда, поради која ќе мора да отсуствува од терените најмалку шест месеци.

Бразилскиот интернационалец летово пристигна од Севиља за триесет милиони евра и требаше да биде големо засилување за тимот на Стивен Џерард.

Тој дебитираше во стартната постава во првото коло против Бурнмаут, а потоа за првпат играше пред домашната публика на „Вила Парк“ во победата од 2-1 над Евертон минатиот викенд. Сепак, на крајот од тој натпревар ја повреди Ахиловата тетива, по што е неопходна операција.

Џерард веднаш по натпреварот изјави дека е „многу загрижен“ поради повредата на одличниот Бразилец, а сега кога се знае дека тој ќе отсуствува долго време, не ја исклучува можноста Астон Вила да се врати на трансфер пазарот и да побара ново решение во дефанзивата.