Голем пропуст на „Панини“: Ја заборавија младата босанска ѕвезда во албумот за СП!

Славниот производител на албуми и сличички направи голем пропуст на „Панини“ пред стартот на Светското првенство. Меѓу фудбалерите на Босна и Херцеговина не се најде името на Керим Алајбеговиќ.

Станува збор за играч кој беше еден од клучните во историскиот пласман на БиХ на Мундијалот. Во полуфиналето од баражот против Велс, токму Алајбеговиќ му асистираше на Един Џеко за голот во 90. минута, а потоа го реализираше и решавачкиот пенал во серијата.

Фудбалерот беше сигурен и во финалето против Италија, но и покрај тоа неговото име не се најде меѓу 18-те избрани репрезентативци во официјалниот албум на „Панини“.

Во албумот на Босна и Херцеговина се најдоа Никола Васиљ, Амар Дедиќ, Сеад Колашинац, Тарик Мухаремовиќ, Нихад Мухакиќ, Никола Катиќ, Амир Хаџиахметовиќ, Бенјамин Тахировиќ, Армин Гиговиќ, Иван Шуњиќ, Иван Башиќ, Џенис Бурниќ, Есмир Бајрактаревиќ, Амар Мемиќ, Ермедин Демировиќ, Един Џеко, Самед Баждар и Харис Табаковиќ.

Според медиумите, причината за изоставувањето на Алајбеговиќ е тоа што конечниот список за печатење бил потврден уште пред бараж натпреварите, во кои младиот фудбалер блесна во полн сјај.