• Иван Димовски
Фудбалерите на Пари Сен Жермен го освоија првиот трофеј во новата сезона, откако во Суперкупот на Франција славеа со 4-0 против Нант. Еден од стрелците беше и Лионел Меси, кој изведе мајсторија и ги израдува навивачите.
По натпреварот, Аргентинецот одново покажа дека е и голем човек. Едно младо момче успеа да дотрча до него под трибината, а иако обезбедувањето го фати и се обиде да го одвлечка назад, реагираше Меси. Ѕвездата ги сопре редарите, го повика момчето и направи „селфи“ со него.
Во очите на ова младо момче се гледаше среќата поради вредниот „сувенир“ со својот миленик. Нема сомнеж, ваквите моменти се вистинската убавина на фудбалот и генерално целиот спорт.