• Саше Љолес
Тренерот на лондонски Тотенхем, Анге Постекоглу, на средба со англиските новинари изнесе информации за здравствениот билтен во тимот и рече дека неговиот тим ќе биде значително ослабен за финалето од Лига Европа против Манчестер Јунајтед.
Постекоглу рече дека „петлите“ ќе патуваат во Билбао без неколку важни играчи, а меѓу нив се Лукас Бергвал, Џејмс Медисон, Тимо Вернер, Дејан Кулушевски и Раду Драгушин.
Финалето во Лига Европа е меч на годината за двата англиски великани, затоа што имаа очајни сезони во Премиер лигата, а освојувачот на трофејот ќе добие автоматско учество во Лигата на шампионите.
Влогот е голем, затоа што поразениот тим ќе остане со празни раце, а шансите на Тотенхем дополнително се намалуваат со неколкуте повреди на важни фудбалери од првиот тим. Финалниот натпревар во Лига Европа ќе се одигра на 21 мај со почеток во 21:00 часот.