Голем гест на тимот: Аријан Адеми пак е капитен на Динамо Загреб

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми ја заврши авантурата во Кина и се врати „дома“. Пак е член на Динамо Загреб, тим во кој ги оствари најголемите успеси во кариерата, а повторно благодарение на играчите ќе ја носи и капитенската лента.

Бруно Петковиќ беше капитен на хрватскиот првак оваа сезона, ама по враќањето на Адеми, сите едногласно се согласиле дека капитенската лента се враќа кај човекот кој важи за најтрофеен играч во Динамо. „Само еден е капитенот“, се согласиле сите во тимот, а тоа го потврди тренерот Јакировиќ.

За загрепчани низ кариерата Адеми запиша преку сто европски настапи, од вкупно 359 официјални за Динамо. Во редовите на хрватскиот гигант тој се врати по само 19 натпревари во дресот на Пекинг Гуан.

Кога Адеми нема да е на теренот, прв заменик-капитен ќе биде Петковиќ, а исто така на листата остануваат Ристовски и Мишиќ.