Гол и две асистенции за крај: Емоции до небо на аргентинското „збогум“ за Меси (ВИДЕО)

Лионел Меси доби збогување какво што заслужи. Аргентина пред домашната публика на „Монументал“ славеше над Бенин со 3-0, а капитенот со гол и две асистенции стави печат на последниот репрезентативен настап пред своите навивачи во една бура од емоции. 

Уште пред стартот на средбата беше емотивно во Буенос Аирес, а тоа се гледаше во очите на навивачите, соиграчите, селекторот, самиот Меси и семејството. Сè беше подредено на човекот кој ги водеше до последниот трофеј на Мундијалите пред четири години.

На теренот, Меси повторно беше главната фигура. Во 48. минута изведе корнер по кој Николас Отаменди погоди за 1-0, а во 61. минута му асистираше на Нико Паз за вториот гол. Последниот гол на Меси за Аргентина стигна во 71. минута. По досудениот пенал, легендарниот напаѓач без проблеми погоди за 3-0 и ја заокружи вечерта на идеален начин.

Кулминацијата се случи по натпреварот кога Меси одржа долг говор, на теренот беше и неговото семејство, а голем дел и од соиграчите беа во солзи. 

Меси во дресот на Аргентина одигра 208 натпревари и постигна 126 гола. Освои две Копа Америка, Финалисима и Светското првенство во Катар, а со ѕвездата на „гаучосите“ сега и официјално се збогува од репрезентативниот фудбал.