Го повлече од игра по само 18 минути, па доживеа напад од таткото на фудбалерот

Тренерот на швајцарскиот клуб, Цирих, Рикардо Мониз, доживеа многу непријатна ситуација на натпреварот со нисколигашот Зуг, каде се случи скандал кој ретко се гледа во фудбалот. 

Стратегот реши да го повлече од игра младиот Лабинот Бајрами само 18 минути откако го внесе во игра, а тоа не му се допадна на неговиот татко, кој седеше на трибините и се обиде да го погоди со чадор во главата. 

И самиот фудбалер беше бесен на тренерот, покажувајќи големо непочитување за неговата одлука, а тоа го „запали“ и неговиот татко, кој потоа сакаше физички да се пресмета со него. Претседателот на клубот се обиде да го смири „напаѓачот“, но и тој потоа ги загуби нервите кога дозна дека се работи за родител на еден од неговите фудбалери. 

„Никогаш во животот не сум доживеал вакво нешто. Моите одлуки се исправни и јас секогаш го мислам најдоброто за тимот. Младиот играч не прикажа пресинг каков што очекував од него и затоа го повлеков од теренот. Морам добро да размислам дали да останам во Цирих, особено ако во прашање се доведува мојата безбедност и непречената работа“, изјави тренерот Мониз.

Целата ситуација ескалираше и траеше околу пет минути, по што страстите малку се смирија и мечот заврши со победа на Цирих од 2-0.