• Мартин Танасковски
Раководството на Реал Мадрид е подготвено да испрати спектакуларна понуда за крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Мајкл Олисе, пренесуваат бројни европски медиуми. Според информациите, „кралскиот клуб“ е подготвен да понуди дури 150 милиони евра за францускиот репрезентативец, што би претставувало најскап трансфер во историјата на Реал Мадрид.
Иако претседателот на клубот, Флорентино Перез, неодамна изјави дека не станува збор за играчот за кого подготвува огромна понуда, шпанските и европските медиуми тврдат дека токму Олисе е главната трансфер цел на мадридскиот гигант. Наводно, Перез не сакал јавно да го открива интересот пред да воспостави директен контакт со Баерн Минхен.
Според трансфер-експертот Фабрицио Романо, првиот човек на Реал бил особено импресиониран од настапите на Олисе во четвртфиналните дуели од Лигата на шампионите меѓу Баерн и Реал. Французинот со својата брзина, техника и креативност оставил силен впечаток врз раководството на шпанскиот клуб. Дополнително, се наведува дека и новиот тренер на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, дал зелено светло за евентуалниот трансфер и смета дека Олисе би бил идеално засилување за неговиот систем на игра.
Францускиот офанзивец зад себе има извонредна сезона во дресот на Баерн Минхен. На 52 натпревари во сите конкуренции постигна 22 голови и забележа дури 31 асистенција, што го прави еден од најефикасните играчи во Европа. Доколку трансферот навистина се реализира за најавените 150 милиони евра, Реал Мадрид ќе го урне сопствениот рекорд. Во моментов најскапо засилување во историјата на клубот е Џуд Белингем, кој во 2023 година пристигна од Борусија Дортмунд за сума од 103 милиони евра.

