Го одведе Рајо до европско финале, па си доби ангажман во Виљареал!

Шпанскиот прволигаш Виљареал официјално го назначи Иниго Перез за нов шеф на стручниот штаб. Младиот стратег потпиша тригодишен договор и ќе го предводи тимот до јуни 2029 година.

Перез пристигнува од Рајо Ваљекано, каде што остави силен впечаток во изминатите две сезони. Под негово водство, клубот од Мадрид стигна до историско финале во Конференциската лига, а во домашното првенство оствари резултати далеку над очекувањата.

Триесетиосумгодишниот тренер важи за еден од најперспективните шпански стручњаци. По играчката кариера, во која настапуваше за Атлетик Билбао, Нумансија и Осасуна, се посвети на тренерската работа и брзо изгради репутација на модерен тренер со јасна тактичка визија.

Во Виљареал ќе го наследи Марселино Гарсија Торал, кој го напушти клубот по успешната сезона во која „жолтата подморница“ избори пласман во Лигата на шампионите. Раководството верува дека Перез е вистинскиот човек за продолжување на амбициозниот проект и за успешен настап на европската сцена.

За Перез ова ќе биде најголемиот предизвик во досегашната тренерска кариера, а воедно и прво искуство како тренер во Лигата на шампионите.