• Саше Љолес

Поранешниот црногорски фудбалер и повремен репрезентативец, Симон Вукчевиќ, се најде во центарот на вниманието откако беше уапсен на српско-црногорската граница поради поседување оружје и муниција. Во неговите млади денови беше нарекуван „наследник на Дејан Савичевиќ“, но во ниту еден момент не беше ниту блиску до кариерата на славниот сонародник.
Властите изјавија дека тој го прекршил законот за носење и чување оружје, а во неговиот автомобил биле пронајдени пиштол и 126 куршуми. Тој е уапсен и ќе биде изведен пред обвинител, по што ќе биде јасно каква ќе биде санкцијата за него. Вукчевиќ имаше повеќе од солидна кариера и важеше за огромен талент на српскиот фудбал, но неговиот патоказ веројатно никогаш не го доведе до вистинскиот цут поради неговиот карактер.
„Имав скоро сѐ што сакам, но не можев да се задоволам само со фудбалот. Размислував поинаку од другите, мислев дека сум поважен од тренерот, тимот и сите останати. За жал, бев дете кое не одговараше на тоа што беше потребно.
Не дозволував на никој да ми помогне, имав недоверба во челните лица, претседателите. Многу подоцна сфатив како од страна изгледало моето однесување и навистина жалам за тоа. Направив многу грешки и затоа морам да им се извинам на сите“, изјави Вукчевиќ за португалските медиуми.
Регионалните медиуми пишуваат дека екс-фудбалерот може да мине само со условна казна, но има и такви кои очекуваат ефективна затворска казна. Разврската и обвинението за случајот ќе се дознаат во следниве денови. Симон Вукчевиќ својата фудбалска кариера ја започна во Партизан, а потоа потпиша за руски Сатурн. Оттаму замина во Спортинг од Лисабон, а потоа заигра и во екипата на Блекбурн Роверс.
Кариерата ја заврши во Будуќност, а во меѓувреме настапуваше и за тимови од Украина и Кипар. Во младинските категории играше најпрво за Србија, а на сениорско ниво ја претставуваше родната Црна Гора, за која запиша 45 настапи.