• Горан Упале
Вардар извојува голема победа над Детонит Плачковица со 2-0 за опстанок во Првата македонска фудбалска лига, но остана без еден од најдобрите фудбалери.
Имено, попладнево во Струмица својот последен натпревар во црвено-црниот дрес го одигра Дарко Глишиќ. Искусниот фудбалер беше еден од најдобрите и најстандардните фудбалери на Вардар оваа сезона, а колку го сака Вардар докажува неговата порака на маичката која што ја носеше по крајот на натпреварот со Детонит, како и неговите солзи во соблекувалната.
По повод заминувањето на Глишиќ се огласи и Вардар.
„Поим за љубов, лојалност и посветеност кон Вардар! Ти Благодариме Дарко за секој момент поминат во светиот црвено-црн дрес. Твоето име ќе биде врежано кај секој вардарец. Засекогаш дел од црвено црното семејство“, напиша Вардар на социјалните мрежи.
31-годишниот Глишиќ сезонава одигра 34 натпревари за Вардар и постигна четири гола.