• Иван Димовски

Екипата на Вардар викендов го презеде врвот во ВМФЛ, откако на свој терен го совлада Караорман (4-1). Пред стартот на средбата која се одигра на теренот „Борис Трајковски“ во Маџари, клубот реши да му оддаде голема чест на Дарко Глишиќ.
Имено, спортскиот директор Александар Баевски му врачи дрес на кој стоеше бројката 100, во чест на јубилејниот стоти настап на капитенот во вардаровиот тим. Глишиќ се надева дека сезонава ќе го поведе колективот до кам-бек во македонската елита, таму каде што скопскиот великан припаѓа.
Инаку, Глишиќ ја има својата трета епизода во Вардар. 31-годишникот потекнува од клупската школа, од каде во 2011 година замина во босански Олимпик. Откако не се наметна се врати во земјава и играше за Скопје, Напредок и Тетекс, од каде избори трансфер во Динамо Тбилиси. По две години во Грузија, Глишиќ се врати во Вардар и беше дел од тимот до 2018 година. Потоа следеа авантури во Септември Софија и Арда Карџали во Бугарија, па период во Шкупи и една полусезона во кипарска Докса.
Во август 2021 година Глишиќ го прифати повикот и се врати во Вардар да помогне за спас и враќање во ПМФЛ.