Глигоров: Вардар се крена психолошки, Тетово ќе понуди фешта

Вардар во добра атмосфера патува во градот под Шара каде чека „братското дерби“ против тимот на Тетекс. Три успеха во низа, тоа се две лигашки победи над Кадино и Охрид, како и пласман во четвртфиналето во Купот на Македонија преку Скопје се на контото на „црвено-црните“.

Шанса за нов успех тренерот Никола Глигоров и соиграчите ќе имаат во натпреварот против некогашниот Куп-освојувач во Македонија. Предводникот на најтрофејниот колектив пред дуелот на Градскиот стадион потенцира дека тимот не бега од фавориската улога, но мора да се оди на нов успех. Добра вест е што сите играчи ќе бидат на располагање, односно нема суспензии и повредени.

„Одиме на гости кај Тетекс, се работи за екипа која ја респектираме, ама не бегаме од улогата на фаворити. Чека еден тежок натпревар, сигурен сум во тоа, само по себе дерби во кое верувам дека ќе има атмосфера. Тетово е фудбалски град, кога и да доаѓа Вардар е фешта. Се надевам на една убава фудбалска атмосфера и дека ќе се радуваме. Направивме една успешна серија во лигата и во Купот, имаме три меча без пораз и на психолошки план се крена екипата, па со евентуално уште еден добар настап во Тетово ќе бидат уште подобри резултатите“, изјави Глигоров.

Вардар оваа година цели на кам-бек во елитата, а според сегашната ситуација ќе мора да го брка второто место на табелата на кое во моментов е Воска Спорт и кое води во бараж. Натпреварот во Тетово се игра в сабота од 14:00 часот. Вардар е четврти со 11 бода, Тетекс е веднаш под него исто така со 11 бода, но со полоша гол-разлика. Лидер во ВМФЛ-Запад е Силекс со осум бода повеќе и тешко дека до крајот ќе ја прокоцка оваа позитива.