Глигоров: Вардар има лош скор, но ќе се извлечеме од „резултатската депресија“!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е првиот кој направи тренерска смена во Втората македонска фудбалска лига - Запад (ВМФЛ). Горан Симов е минато, а нов стратег е младиот Никола Глигоров.

Стрелецот на историскиот гол на Вардар кој донесе групна фаза во Лигата на Европа во 2017 година сега е со нова улога. Од тренер на младинците, прекомандуван е да биде стратег на првата екипа и се соочува со сериозен предизвик. На дебито на Глигоров, Вардар одигра реми против Беса (2-2) со несреќен гол, а тренерот потенцира дека тимот мора брзо да се извлече од оваа ситуација во којашто е сега.

„На мојот деби-натпревар резултатски не минавме како што посакувавме. Сигурно дека сакавме победа, но во последна минута примивме гол од прекин. Според мене, не сакам да звучи прегрубо, ама заслуживме победа со Беса според играта. Од друга страна, можеби требаше да го решиме мечот претходно. Не успеавме да го направиме тоа и противникот казни од последната шанса. Кратко време имавме за подготовка, се надевам дека на следниот меч ќе почнеме да редиме победи затоа што пет бода од можни 15 се лош скор за Вардар. Се наоѓаме во позиција далеку од врвот, а нашите амбиции се да бидеме во Првата лига“, ни изјави Глигоров.

А, како дојде повикот да се работи во првиот тим?

„Малку неочекувано дојде овој повик за прв тренер. Работев со младинците, бев присутен во првиот тим, но го прифатив ризикот и предизвикот. Имам доверба од клубот, мислам дека со работа сите ќе успееме да излеземе од кризата. Ни фалат неколку позитивни резултати. Кај фудбалерите нарушена е самодовербата. Притисокот во Вардар е огромен, сите кои биле во овој клуб тоа го знаат добро. Од неделниот меч се надевам дека ќе свртиме нова страница и ќе почнеме со победи“, додава новиот стратег на вардарци.

Глигоров гледа позитивно на екипата и смета дека со овој ростер може да се покажат подобри игри и резултати.

„Не сакам да барам никакво алиби, но штом сум прифатил да работам, верувам во овие играчи. Нормално ако имавме можност да се засилиме тоа ќе беше добро. Но, тоа не е можно сега среде сезона. Сметам дека имаме квалитет за повеќе бодови од ова што досега се покажува. Не е реална ситуацијата да имаме пет бода по пет кола. В недела гостуваме кај Кадино, таму сме фаворити и не бегаме од тоа“, дециден е Глигоров.

По првиот натпревар, новиот тренер доби голема поддршка од „Комитите“, додека критиките заминаа на адреса на играчите. Глигоров вели дека поддршката му годи, но истакна дека играчите не треба секогаш да бидат први „на тапет“.

„Благодарен сум многу на „Комитите“ за поддршката. И од управата добивам поддршка исто така. Нормално, потребна ни е поддршка на сите, не само на мене. Тука мислам и на играчите. Свесен сум дека јас одговарам за резултатите. Јас го имам правото да го бирам тимот и јас стојам зад сите. Одговорноста е моја ако сите играат слабо. Тренерот секогаш е прв на удар, свесен сум за таквата ситуација, ние тренерите мора да живееме со тоа.  Мора да го извадиме максимумот, верувам дека имаме квалитет со кој можеме да почнеме со победи и да излеземе од оваа таканаречена, ќе употребам еден потежок збор, резултатска „депресија“. Само со успеси ќе се извлечеме од неа“, е ставот на вардаровиот тренер.

На Вардар ќе му годи репрезентативната пауза, затоа што ќе има шанса тимот да се запознае подобро со методите на работа на Никола Глигоров.

„Ако сме искрени, репрезентативната пауза доста добро ќе дојде за сите нас. Ќе имаме повеќе време за работа да ги остввариме сие замисли во главите. Реално, во три-четири дена не може да демонстрирам се. Се надевам дека ќе ја дочекаме паузата со победа со Кадино. Имаме респект кон сите ривали, но во моментов тоа ни е најважно, за да имаме мир и да работиме спокојно“, заврши новиот предводник на најтрофејниот колектив.

Вардар за првпат во својата историја игра во Втората лига, но е далеку од лидерот Силекс и од втората позиција која води во баражот за пласман во ПМФЛ. Последниот меч пред репрезентативната пауза „црвено-црните“ го играат в недела (15:00).