Глигоров: „Комити“ со право се лути, сега си ја загрозивме цела ситуација!

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар загуби на гости кај Воска Спорт (1-2) и ги разочара навивачите. „Црвено-црните“ направија чекор назад во битката за пласман во Првата лига, за тоа е свесен тренерот Никола Глигоров, кој вели дека проблемите тимот ќе си ги бара внатре за да ги реши, а критиките од „Комитите“ се оправднаи.

„Сигурно дека овој дуел со Воска Спорт беше клучен натпревар за нас. Поточно, клучни се последните два меча, тука го вбројувам и Силекс. Ги загубивме овие средби. Со право навивачите ни се лути и разочарани, има и зошто да бидат. Едноставно, не бевме свои, посебно на овој меч на гости кај Воска, не бевме на нивото на коешто треба да биде еден тим како Вардар. Воска заслужено победи, а ние проблемите треба да си ги бараме внатре кај нас. Прво, јас почнувам од мене, како предводник. Почнувам од сам себе кога говорам за критиките и анализите. Потоа и кај играчите. Сите треба длабоко да размислиме дека со овие два порази си ја загрозивме целата ситуација. Разликата сега на табелата не е мала, таа е пет бода, но е не е и недостижна. Мотиви мора да си пронајдеме за понатаму, затоа што сме спортисти. Со добра анализа на грешките и соработка со сите внатре во клубот, ќе се обидеме да се вратиме назад од овој удар за нас“, ни изјави Глигоров.

Вардар по двата порази од директните конкуренти во ВМФЛ-Запад се насочува кон Купот на Македонија. Таму чека четвртфинале со вечниот ривал Пелистер. Дуелот се игра на 1 декември во Битола.