Главевски го качува Пелистер кон врвот, Генч Калемлер го освои Гостивар

Попладнево беа одиграни четири натпревари од 13. коло на ВМФЛ-Запад, а стрелците постигнаа 14 гола со одличен учинок на гостинските екипи. 

Пелистер ја запиша третата победа на последните пет натпревари и полека се качува кон врвот. Денес во Битола совладан е Гоблен Јуниор со 2-0 (1-0). По неполни десет минути се повреди дефанзивецот Колески и на негово место во игра влезе Бошковски. Битолчани во првиот дел имаа две големи шанси преку Главевски и Наумоски, но беа за малку непрецизни. Но, во 28. минута по еден удар од дистанца на Наумоски, гостинскиот голман Краљевски одби, а од само 5-6 метри Благојче Главевски ја закова топката во небранетата мрежа (1-0).

Во 58. минута главниот судија Урошевиќ од Тетово му покажа втор жолт картон на гостинскиот фудбалер Пајазит и им ја олесни работата на битолчани. Избраниците на Крстески креираа шанси и за втор гол, но беа неснаодливи во завршницата. Сепак, на сличен начин како и при првиот гол, Благојче Главевски се најде на вистинското место и од отпадок го матира Краљевски за финални 2-0. Гоблен Јуниор натпреварот го заврши со девет фудбалери, откако Мустафи заради груб прекршок заработи директен црвен картон во 81. минута. 

Соседното дерби меѓу Гостивар и Генч Калемлер заврши со изненадувачка победа на гостите со 2-3. Домаќините поведоа со 1-0 со голот на  Валон Зеќири уште во петтата минута. Арменд Даути во 33. минута израмни на 1-1, резултат со кој се замина одмор. Предност за домашната екипа ја донесе Флорент Османи во 56. минута, а новиот второлигаш пак израмни преку Сунај Хасан од пенал во 79. минута. Кога сите помислија дека натпреварот ќе заврши мирољубиво, Алији во последната минута погоди за финални 2-3.

Домашниот терен не го искористи и Велазареми, кој изненадувачки загуби од Кораби со 1-4 (1-2). Муча ги доведе гостите во водство, а израмни Реџепи на средина од првиот дел. Во последната минута од првиот дел Колеци направи комплетен пресврт и ги доведе гостите од Дебар во водство (1-2). Кога Укна Муча погоди во 70. минута за 1-3, судбината на кичевскиот второлигаш беше запечатена. Конечните 1-4 ги постави Александар Целески во 86. минута.  

Тетекс пред своите гледачи во Тетово ремизираше со лидерот Струга Трим Љум (1-1). Гостите поведоа со 0-1 со голот на Арбен Тафе во 26. минута, а Меритон Салији од пенал во 58. минута спаси бод за некогашниот освојувач на Купот на Македонија. Така „штофарите“ со борбен реми им го честитаат 30.  роденден на „Војводите“.

Утре колото го затвораат Лабуништа и Скопје