• Мартин Танасковски

Екипата на Манчестер Јунајтед ја оствари целта и освои три бода на гостувањето кај Евертон (3-0) на „Гудисон Парк“. Во овој меч видовме спектакуларни „ѓаволи“ и голот кој сигурно ќе го понесе признанието за погодок на сезоната во Премиер лигата.
- Извештај од натпреварот:
Многумина се сомневаа во тимот на Тен Хаг пред овој натпревар, меѓутоа Манчестер Јунајтед го одигра можеби најдоминантниот натпревар оваа сезона во англиската елита. Три гола паднаа во мрежата на Евертон кој се бори за опстанок и е претпоследен по одлуката на ФА да му се одземат десет бода за кршење на финансискиот фер-плеј.
Мечот на „Гудисон парк“ се отвори уште во 3. минута, кога Алехандро Гарначо даде гол вистинско ремек-дело. Играчот на Јунајтед по нафрлање на Далот изведе маестрални „ножички“ во стилот на Вејн Руни од 2011 година во дербито за Манчестер и погоди во мрежата. Прослави со препознатливото „Сиууу“, во стилот на неговиот идол Кристијано Роналдо.
Јунајтед на паузата замина со минимална предност, иако Евертон имаше две убави шанси за израмнување преку Калверт-Луин и Дукур. На стартот на вториот дел гостинот доби пенал кој во гол го претвори Маркус Рашфорд, а потоа во 75. минута Бруно Фернандеш ги постави конечните 0-3. Најдобрата можност за Евертон за почесен гол ја имаше Миколенко кој ја погоди пречката.
Манчестер Јунајтед со оваа победа дојде на шестото место во Премиер лигата со 24 бода, со минус од шест бода од лидерот Арсенал. Во следната рунда тимот го чека тежок испит и гостување кај Њукасл Јунајтед.