• Мартин Танасковски
Поранешниот македонски напаѓач Милко Ѓуровски е еден од првите играчи кои направи потег и замина од Црвена Звезда во Партизан. Легендарниот играч се потсети на минатото и на трансферот од едниот во другиот белградски великан, инаку два тима кои се лути ривали.
„И денес навивачите на Црвена Звезда ми се лутат. Кога ќе се спомне моето име во нивно друштво, знаете што велат? Катастрофа! И плукаат на под. Се што сум направил за нив, сите голови што сум ги дал, ништо не ми важат. Ако пак сум во ситуација да преминам од Звезда во Партизан, пак би го направил истото. Можеби потезите кои ги направив не беа добри за мене, ама не се каам за ништо. Едноставно, во Звезда не ме третираа праведно. Ветуваа многу, дадоа малку. Во еден момент ми дојде преку глава. Затоа заминав во Партизан, сакав да ја натерам Звезда да пати.“, изјави Ѓуровски.
За да замине од Црвена Звезда во Партизан, Милко Ѓуровски одбил и понуда од Динамо Загреб. Ѓуровски, кој сега има 61 година и работи како тренер, имаше доста долга кариера од 1979 до 2005 година, а најголемата трага ја остави во Црвена Звезда, па Партизан и холандски Гронинген.