• Саше Љолес
Младиот ас на Реал Мадрид, Арда Ѓулер, повторно го привлече вниманието на фудбалската јавност, а овој пат со еден од најимпресивните голови сезонава, погодувајќи ја мрежата од повеќе од шеесет метри на натпреварот против Елче во Примера (4-1).
По натпреварот, Ѓулер изјави дека во моментот кога ја добил топката видел дека противничкиот голман е надвор од голот, па едноставно се одлучил да шутира од далеку.
„Видов дека голманот е надвор од позиција, па му верував на мојот инстинкт и едноставно шутирав. За среќа, топката влезе во мрежата. Ова се несекојдневни ситуации, не верувам дека често можеме да гледаме вакви голови.
Среќен сум што му помогнав на тимот, сега останува до крај да се бориме за шампионската титула во првенството“, рече младиот Турчин.
Овој погодок веднаш се најде меѓу најспектакуларните моменти од колото, а навивачите на „Сантијаго Бернабеу“ го прославија како една од најубавите завршници сезонава.
Ѓулер се покажа како клучна фигура во мечот, а неговата маестрална завршница дополнително го збогати впечатокот од тимската игра на „кралевите“.












