• Саше Љолес

Илчо Ѓорѓиоски повеќе не е тренер на грчкиот клуб Каламата. Македонскиот тренер заминува од кормилото на второлигашот, а за грчките медиуми откри дека имал големи недоразбирања со раководството.
„Уште од самиот старт наидов на негативна енергија. Ми беше кажано дека тимот нема шанси за успех и да се фокусирам на создавање тим за догодина. По кратко време започнаа сите проблеми и сè падна во вода. Почнав да добивам и сугестии кого да ставам во игра, а за отказот дознав преку медиумите.
Пред гостинските мечеви некогаш патувавме цели 15 часа и пристигнувавме пред почетокот на натпреварот. Два ипол месеци ја чекавме програмата за развој на играчите. Без мое прашање беа донесени и играчи од странство. Ова раководство е потполно аматерско, тука и Жозе Мурињо нема да може да воспостави ред“, изјави Ѓорѓиоски.
Македонскиот фудбалски стратег имаше кратка етапа во грчкиот клуб и заминува по само три месеци минати на клупата, a очигледно е дека нема да сочува пријатни спомени од овој престој во второлигашот Каламата.