Ѓорѓиоски со победа тргна во Брегалница, „сините“ договорија три теста во Анталија

Брегалница

Екипата на Брегалница, која што во пролетниот дел од сезоната ќе биде предводена од Илчо Ѓорѓиоски, со победа ги отвори зимските подготовки.

Во првиот пријателски натпревар, а единствен пред заминувањето за Анталија, Брегалница во Штип триумфираше против второлигашот Кит-Го со убедливи, 3-0. Воедно ова беше и деби-победа на новиот стратег, кој на клупата на „сините“ пристигна како замена за Марјан Секуловски.

Првенец во дресот на „сините“ запиша Зоран Андонов кој овој зимски период пристигна токму од редовите на Кит-Го, а останатите два гола беа дело на Марјан Алтипармаковски и Мартин Стојанов. „Сините“ во Анталија заминуваат во недела, на 16 јануари, каде ќе бидат до 30 јануари, а за кој период предвидено е одигрување и на пет пријателски натпревари.

Од петте предвидени пријателски натпревари во Анталија, веќе се договорени противниците за три тест дуели. Првиот контролен натпревар ќе биде против рускиот Кубан Краснодар на 17 јануари. Вториот веќе договорен тест е против азербејџанскиот прволигаш Зира на 24 јануари, а третиот против казахстанскиот Аксу на 27 јануари.

По враќањето во Штип, Брегалница ќе одигра уште еден контролен натпревар, на шести февруари против бугарскиот второлигаш Септември Симитли.