Ѓорѓиоски излегува од притвор, судот прифати гаранција од 500.000 евра

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, ќе се брани од слобода откако Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за укинување на мерката притвор и прифати гаранција во вредност од 500.000 евра.

Информацијата ја потврдија и од Кривичниот суд за „Фокус“, од каде соопштија дека на Ѓорѓиоски му е укинат притворот и му се определени мерки на претпазливост.

„Укинат му е притворот и определена е гаранција со мерки на претпазливост“, информираат од судот.

Со оваа одлука, поранешниот прв човек на македонскиот фудбал ќе го очекува почетокот на судската постапка на слобода, но под условите и ограничувањата што му ги наложил судот.

Во истиот предмет е опфатен и поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кому претходно му беше определен домашен притвор. За него е прифатена гаранција во висина од еден милион евра.