Ѓорѓиоски: Брегалница ќе оди чекор по чекор, одиме во Струмица да се надигруваме

Екипата на Брегалница ќе гостува кај Академија Пандев во првото коло на ПМФЛ. Клубот од Штип претрпе доста промени ова лето, одработе успешни подготовки на кои запиша четири победи и две ремија, а сега е на ред сè тоа да го демонстрира и во првенството. 

Во пресрет на првиот меч во сезоната, предводникот на тимот Илчо Ѓорѓиоски зборуваше за клупскиот сајт. 

„Ако ги оценуваме подготовките, колку биле успешни ќе се види низ игрите на терен и резултатите во новиот шампионат. Но, мотото на Брегалница и во новата сезона ќе биде чекор по чекор до својата цел. Јасно е дека буквално секој натпревар е најважен за нас во првенството, и така верувам ќе се однесуваме на терен. Но, ако нешто знам тоа е дека моите фудбалери на сите средби ќе дадат сè од себе за да дојдат до позитивни резултати...

Секоја средба на почетокот од еден шампионат е спеицифична и многу важна. Нашата желба и амбиција е секако позитивен резултат од Струмица. Јасно ни е дека се соочуваме со екипа која веќе години наназад е една од најдобрите во лигата, и која веќе во континуитет е постојан учесник во европските купови. Играат на домашен терен каде се покажа изминативе години дека се неприкосновени. Но, ние патуваме да се надигруваме со Академија Пандев и секако носени од силен мотив да дојдеме до посакуван успех“, изјави стратегот на штипјани.

Пресметката меѓу Академија Пандев и Брегалница е закажана за утре во терминот од 17:30 часот во Струмица.